Споменик на природата

Вевчански Извори

За заштитеното подрачје

Споменикот на природата „Вевчански Извори“ се наоѓа северозападно од Вевчани на источните падини на планината Јабланица, на надморска височина од 950 m. Опфаќа површина од 1370 ha. Овој локалитет претставува исклучително значаен хидролошки и хидрогеолошки локалитет, кој според своите карактеристики е од посебен интерес за научно-истражувачката работа. Локалитетот „Вевчански Извори“ за прв пат е прогласен за заштитено подрачје, со Одлука за прогласување на локалитетот „Вевчански Извори“ за Споменик на природата од страна на Советот на Општина Вевчани од 29.11.1999 година. Според Законот за заштита на природата, Собранието на Република Македонија го донесе Законот за прогласување на Вевчански Извори за Споменик на природата во 2012 година. Изворите кои се природна реткост во Македониа се дренираат од варовници со тријаска старост. Главниот извор, кој се наоѓа во отворот на една пештера, во текот на летниот период привидно пресушува. Десетина метри подолу водата се појавува во неколку постојани извори, кои подземно комуницираат со него. Издашноста на Вевчанските Извори, во периодот со хидролошки максимум изнесува околу 1500 l/s. На надморска височина од 1940 m се јавува посебна хидролошка творба -Вевчанска Локва која претставува глацијално езеро.

Дел од ова заштитено подрачје се и шумските екосистеми кои се протегаат по источните падини на планината Јабланица се до државната граница со Република Албанија и претставуваат посебна природна реткост создадена како резултат на посебните геолошки, хидролошки, биоеколошки и други природни фактори. По горната граница на локалитетот се простираат високопланински пасишта испресечени со карактеристични гребени, долини и други геоморфолошки форми. Непосредно под високопланинските пасишта, се јавува природна субалпска букова шума составена од карактеристични и ретки флористички елементи. Под овој појас се надоврзува горската и подгорската букова шума. Во буковиот шумски појас се јавуваат поединечно и во мали групи иглолисни видови дрвја, особено елата и балканскиот ендемит и терциерен реликт -моликата. Во најдолниот дел на шумскиот појас се застапени дабовите шуми, а посебна реткост и специфичност преставува појасот на питомиот костен, кој му дава посебен белег на ова подрачје. Ваков шумски појас од костенови шуми претставува посебно природно богатство во земјата и на Балканот. На територијата на локалитетот се пронајдени 178 вида габи, 107 видови на пеперутки, 20 видови на влечуги, 11 видови водоземци, 86 видови на птици, 9 видови лилјаци и над 30 други видови цицачи меѓу кои мечката, волкот, лисицата и балканскиот рис. Висок степен на ендемизам се јавува кај инсектите. Голем број од присутните видови се наоѓаат на црвената листа на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN).