Траги од населбата постојат од III век пред Христа. Неговата прва локација не била денешно Вевчани, туку тоа се наоѓало нешто подолу од подножјето на планината Јабланица, на местото што денеска се вика Селиште. Можно е и да дошло до некакво спојување на античко македонска населба која се наоѓала во областа Вајтос која се наоѓа непосредно над Вевчани, со споменатата населба Селиште, така формирајќи го на денешната локација (меѓу Вајтос и Селиште).

Првите легенди и писанија за Вевчани велат дека е стара населба, а нејзините почетоци датираат од крајот на VI, односно почетокот на VII век, кога племето Берзити (Брсјаци) го преплавиле Струшкиот Крај и ја населиле локацијата на денешно Вевчани, југоисточно од планината Јабланица. Тука повторно има мала неконзистентност, затоа што денес Вевчани е денес претежно мијачка населба.

За тоа од кога се среќава населбата Вевчани запишана во документите, низ вековите има повеќе изворни документи. Еден од нив е Калимановата грамота, како досега најстар истражен документ. Во него се говори дека Вевчани како селска населба е евидентно од крајот на IX век и тоа како мошне развиена, економски јака и обврзана да дава данок во натура на бугарскиот кнез Борис I, а по него и на царот Симеон Велики. Следен пишан запис каде се среќава селото запишано под името Вешчани е во XIV век, односно од 1342 – 1345 година кога царот Стефан Душан со грамота го приложил на црквата Света Богородица Перивлепта во Охрид. Нешто подоцна во XVI век, во османлиските даночни регистри на немусилманското население од вилаетот Охрид, според турските записи на населението од 1509 година имало 208 домови, а при вториот запис на населението во 1519 година имало 223 домови и било поголема населба од Струга, што тогаш броела 176 домови. На почетокот на XVII век во 1633-1634 година населбата е заведена под името Вешчано со 154 домаќинства.

За време на доцниот период на отоманската империја, жителите на Вевчани се одликувале со голема храброст, бестрашност и јунаштво, непокорност, слободљубивост, патриотизам и посветеност на православната христијанска вера и Македонија.

Кон крајот на XIX век, Вевчани било село во рамките на Струшката нахија во Охридксата каза на Отоманското Царство.

Постојат бројни примери од крајот на XVIII и во текот на целиот XIX век. Еден кмет на Вевчани, по име Тасе, Турците го терале да премине на ислам, но тој откако одбил бил обесен во Вевчани. Источно од Вевчани се наоѓа месноста наречена Рамов Гроб која го добила своето име поради тоа што таму некојси албанец Рамо од Велешта недозволено земал од вевчанската вода и ја пуштал во своето село поради што тој бил убиен од вевчанци. Запаметен е и свештеникот поп Наум познат и под прекарот „Мали Оџа“, кој се спротивставувал на некојси богат жител по име Гроздан-паша од селото Горна Белица кој сакал да ги присвои вевчанските пасишта на Јабланица, заради што попот Наум отишол да бара правда дури до Цариград.

Во средината и кон крајот на XIX век жители на Вевчани (од родот Велкој) кои биле на печалба во Романија, учествувале и ги дале своите животи како војници – доброволци војувајќи на страната на руската војска против турскиот аскер во Кримската војна во 1856 и Руско-турската војна на планината Балкан во 1878 година.

Во време на националноослободителната и револуционерна борба против отоманското ропство од Вевчани биле двајца војводи на струшката чета на ВМОРО – Јаким Алулов и Ставре Гогов кој од летото 1904 година, по убиството на Јаким Алулов, станал војвода на струшката чета на ВМОРО. Во април 1907 година, Ставре престојувал во куќата на вујко си Трпе Шекутков во родното село Вевчани, за што Турците дознале и со редовна војска заедно со башибозук од соседните села Октиси, Лабуништа и Подгорци ја опколиле куќата. Ставре Гогов заедно со домаќините јуначки издржал над 20 часа во нерамната битка, додека неговата свршеница Кота Христова успеала да ја помине опсадата и да им носи бомби и патрони. По завршувањето на куршумите, Ставре Гогов се самоубива. Со него загинуваат и Трпе Шекутков и брат му Кузман Шекутков. Снаата Андрица и трите внуци на Кузман Шекутков биле ранети, а од нападот на аскерот и башибозукот загинале 27 души. Турците ќе ја запалат куќата. По убиството на Ставре Гогов, неговата свршеница Кота Христова го убива предавникот и се вклучува во една од четите на ВМОРО. На влезот на возобновената спомен-куќа денес стои натписот:

Во април 1907 година на ова место во нерамна борба со многуброен турски аскер херојски загина војводата Ставре Гогов.

За оваа херојска битка е испеана и познатата народна песна позната како Од Битола до Вевчани сè сардисано’ или Ура, ура Ставре војвода.

Кон крајот на XX век, во времето додека Македонија сѐ уште била дел од СФРЈ, во селото Вевчани се случиле протести околу планот за водоснабдување на соседното село Октиси со вода од Вевчанските Извори.

Вевчанскиот случај е случај од 1987 година, кога тогашната власт имала намера да ги каптира Вевчанските Извори, под изговор дека носи вода за жителите од соседното село Октиси, а всушност, имала намера водата да ја користи за елитната викенд-населба Елен Камен, каде што се наоѓале вилите на тогашните челници на власта. На тоа се спротивставиле жителите на Вевчани со поставување на барикади и не се дозволило да се постават водоводните цевки. Покрај согласноста на двете месни заедници на Вевчани и Октиси, ноќното приклучување на водата од Вевчанските Извори за Октиси на 25 мај 1987 не било извршено бидејќи се случило организирано и насилно спротивставување на населението на Вевчани.

Покрај напорите за надминување на ситуацијата, проструените информации дека со водата од Вевчанските Извори ќе се снабдуваат и Струга и туристичката населба Елен Камен, а Вевчани при вода ќе остане без неа, попусти биле напорите на властите во разубедување на населението и градежните активности биле повлечени. По извршените проценки и подготвителни активности на властите и вклучувањето на можноста за употреба на сила од органите на редот, доколку повторно се појави насилен организиран отпор било решено работните активности за поврзување со вода на селото Октиси од Вевчанските Извори да започнат на 6 август 1987 година. Меѓутоа, истиот ден градежните работници на влезот на селото Вевчани биле пречекани од 500-600 жители кои направиле барикада со дрва и камења и носејќи стапови, земјоделски алати и други предмети и покрај повиците на припадниците на СВР Струга да го напуштат местото, тие не го сториле тоа. Во текот на денот во Вевчани имало голема раздвиженост на жителите и нивно групирање на местото каде требало да се изведуваат градежните работи, а неколку пати се огласила и црковната камбана со цел да ги повика граѓаните да се дособерат и да ги попречат градежните работи.

Немирите ја достигнале кулминацијата на 7 абгуст 1987 година, кога интервенирале специјални полициски сили, кога за првпат во тогашна Југославија биле употребени „електрични пендреци“. Имено, идниот ден, 7 август 1987 година околу 10 часот, 23 работници повторно биле попречени од група на 500-600 жители на Вевчани, кои поставиле 5 барикади од влезот до центарот на селото, при што морала да интервенира полицијата со електрични и гумени палки што довело до судир со жителите при што биле повредени 23 жители и 11 милиционери, 19 жители на Вевчани (од кои 3 жени) биле приведени. Покрај собирот и штрајкот со глад на група младинци и испратените телеграми до раководните органи на републичко и сојузно ниво, заклучно со 18 август 1987 градежните работи биле завршени, а водата од Вевчани кон Октиси конечно протекла. Овие настани ја разбранувале пошироката македонска и југословенска јавност и општество, а добиле и (необично) пошироки димензии и политички импликации. Месната заедница на селото Вевчани примила телеграми со поддршка за демонстрираниот отпор, околу овие настани било поставено и делегатско прашање до Собранието на СФРЈ, а и било напишано и протестно писмо од Друштвото на словенечките писатели до организацијата и учесниците на 26. Струки вечери на поезијата при што за сево ова тогашните власти го обвиниле организираното дејствување на групи поединци од Вевчани од самото село и некои кои живееле во другите републики (пред сè во Словенија).

Некои аналитичари овие протести во Вевчани ги сметат и како своевиден израз на незадоволството и дисидентството кон тогашниот социјалистички режим и борбата за демократски реформи. Покрај славната и непокорна историја на Вевчани уште од времето пред и за Илинден, по овие настани доаѓа и до симболичното протестно самопрогласување на „Држава Вевчани“ (Република) со свои пасоши и пари (т.н. личници) кои денеска се туристичка атракција позната за Вевчани. На сретселото во Вевчани и денес постои плоча каде се запишани имињата на сите тогашни челници со натпис „бог да ги убие предавниците“.