Еко-свест и Национален Парк Галичица со ученици вежбаа бонтон во природа и како се чуваат заштитени подрачја.
Кога одиме на гости има правила на однесување. Така, и кога ја посетуваме природата постои бонтон, односно правила како што треба, што може, а што не треба да се прави кога сме на гости во шумите и зашитените подрачја.
Еко свест заедно со вработените од National Park Galicica организираа едукативна тура во природа за учениците од ООУ Страшо Пинџур – Вевчани со кратка прошетка низ Споменикот на природата Вевчански извори. Учениците собираа растенија и надгледуваа животински видови кои ги среќаваа во прошетката. Потоа учеа за нивните карактеристики, односно зошто секој вид е посебен и важен и учеа како треба да се однесуваат кон нив во заштитените подрачја. Младите се запознаа со значењето и зошто ни се потребни заштитени подрачја и каква е секојдневната работа на вработените.
Вработените во заштитените подрачја ги објаснуваа начините како се врши надгледувањето и како се следи развојот во природата и кај животинските видови, а учениците помагаа во мониторингот преку граѓанска наука со користење на апликациите INaturalist I Plant Net. Ниедна тура по овие предели нема да биде целосна и ако не се осврнеме на присуството на ѓубре во природата, па со учениците собиравме и отпадоци на трасата по која се
движевме.
Оваа активност е само една од низата кои Еко-свест ќе ги спроведува со НП Галичица со цел да се поттикнат и упатат младите како можат да придонесат кон подобрување на заштитата на природата. 

Овие активности се во рамки на проектот “Поддршка на одржливо управувување со Споменикот на природата Вевчански Извори” поддржан од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT.