Природно Наследство – Шуми

Шуми

На територијата на заштитеното подрачје Споменик на природата „Вевчански извори“ најзастапени се буковите шумски заедници. Како најраспространети заедници буковите шуми даваат посебен белег на планината Јабланица и на заштитеното подрачје, особено оние со изразен степен на природност.

Во некои делови на подрачјето се зачувани шуми со разновозрасна структура и учество на дрвја со поголеми димензии. Ваквата разновозрасна структура овозможува поголема разновидност на живеалишта што допринесува и до поголема биолошка разновидност на пределот.

Дабовите и костеновите шуми исто така се посебно важни шумски живеалишта со своја физиономија и распространување.

Чистините во шумите како и влажните и грмушестите станишта се посебно значајни и ја дополнуваат високата пределска разновидност. На ова се надополнуваат планинските и високопланинските пасишта, а деловите со деградирани и вештачки подигнати шумски насади укажуваат на традиционалните практики со шумите во минатото.

Како шума со посебно висока конзервациска вредност е старата шума во околината на манастирот Св. Спас, над Вевчани. Составена е од поголем број стари вековни дрвја од бука, даб горун и горски јавор и зафаќа површини од околу 20ha. Поседува природен автохтон амбиент и се одликува со висока количина на стоечка и падната дрвна маса. Преставува досега недопрена енклава на стара вакафска шума со прашумски карактер. Шумата има големо културно, религиозно, еколошко и научно значење и треба да се зачува во нејзината природна форма.  Шумата треба и понатаму да се развива согласно природните законитости.

Од посебно значење за планината Јабланица и заштитеното подрачје Споменик на природата „Вевчански извори“ е распространувањето на моликата (Pinus peuce) во околината на Вевчанска Голина и Вевчанска Локва или поточно на масивот Црн Камен, како и во близината на месноста Писаник кај Горна Белица. Моликата како балкански ендемит и терциерен реликт има посебно значење за шумскиот диверзитет во Македонија и пошироко. На планината Јабланица таа се населува природно над горната граница на шумската вегетација на надморки височини околу 2000m и повисоко. Според нејзината возраст и начинот на распространување може да се претпостави дека таа повторно ги населува подрачјата кои во минатото ги населувала и од кои била уништена, како резултат на интензивни сточарски практики, пожари и сл.