Вевчанската локва се наоѓа на запад од Вевчани, на источната планинска страна на Јабланица во изворишниот дел на Вевчанска Река и во непосредна близина на македонско-албанската граница. Сместено е во цирк, односно долот и пределот наречен Голина кој се наоѓа веднаш во источен правец во подножјето под највисокиот јабланички врв Црн Камен висок 2257 метри. Езерото се наоѓа на апсолутна надморска височина од 1993 метри, при максимално ниво на езерската вода. До локвата може да се пристапи по добро обележана планинарска патека од селото Горна Белица преку врвот Црн Камен или директно кон месноста Криви Вирови, до каде има и пробиен макадамски шумски-пат за лесни теренски возила од кој по 30-40 минути пешки се стигнува до локвата.