Тимот на Еко-свест оваа година учествуваше на 13тата Смотра на Сојузот на извидници на Македонија која во периодот од 13 до 17 јули се одржуваше во Крушево. Заедно со нашата локална канцеларија од Вевчани одржавме серија на активности за еколошка едукација со повеќе од 1000 извидници од 16 земји од Европа.

Младите извидници учеа за живиот свет кој ги опкружува, птиците, животните, растенијата, како тие меѓусебно си влијаат и зависат како дел од природните екосистеми. Учевме дека при престој во природа треба да сме внимателни и да се однесуваме со почит кон дивите видови кои престојуваат во природата.

Заедно идентификувавме растенија, пеперутки, инсекти, јадевме шумски плодови, учевме за значењето на биодиверзитетот и како тој е значаен за храната која ја јадеме, водата која ја пиеме и воздухот кој го дишеме. Научивме и дека секој од нас има можност и одговорност да придонесе во зачувување на таа биолошка разновидност.

Разговаравме за улогата на заштитените подрачја во нашата земја и објаснивме како ние помагаме во мониторингот на дивиот свет во Споменикот на природата Вевчански Извори и колку е тој значаен за заштитата на природните вредности. Заедно со Националниот парк Галичица, на младите извидници им укажавме на важноста од еколошка едукација, но и потребата редовно да се спроведуваат научни истражувања на природните вредности за да може да најдеме решенија и да ја спречиме загубата на биолошката разновидност.

Младите извидници научија дека улогата на пчелите не е да произведуваат мед и дека на светот постојат повеќе од 20 000 видови на пчели благодарение на кои имаме разновидна храна.  Преку изградба на хотели за инсекти, извидниците учеа како да изградат нови живеалишта за пчелите и другите инсекти кои се под закана поради штетни човечки активности, но и се чувствителни на екстремните временски услови кои се предизвикани од климатските промени.  Ни беше чест што се дружевме и со младите од Центарот за младински активизам КРИК и заедно изградивме хотели за инсекти кои ги поклонивме на крушевската корија.

Се надеваме дека нашите работилници беа мотив и поттик кај младите извидници уште повеќе да се разбуди свеста за заштитата на природата и животната средина.