Со интерактивна дискусија за важноста да се заштити природата преку заштитените подрачја во Југозападниот регион и проекција на кратки филмови, Еко-свест учествуваше на седмото издание на фестивалот на краток филм „Drim Short 2023“ кој се одржа во Струга.

Настанот беше насочен кон поттикнување на посетителите на филмскиот фестивал тие да бидат активни граѓани и да помогнат да се зачува уникатната природа и ендемични видови во Југозападниот регион. Заедно со научни претставници од заштитените подрачја беа дискутирани приоритетите во работењето на заштитените подрачја и предизвиците кои ги отежнуваат мерките за заштита на природните вредности.

Дискусијата на тема „Зошто е значајно да се заштити природата во Југозападниот регион?“ ја водеше Дарко Ќитаноски- проектен координатор во подружницата на Еко-свест во Вевчани, заедно со д-р Орхидеја Тасевска- Директор на Јавната установа Хидробиолошкиот завод- Охрид и Ангела Тасеска- Соработник за еколошка едукација во Јавната установа Национален Парк Галичица.

По завршувањето на дискусијата, беа прикажани три кратки филмови- „Крапска река“„Заробени реки“ и „Да го зачуваме нашето највредно“ преку кои беа претставени позитивните и негативни практики за зачувување на природните вредности на нашата земја.

Еко-свест ja реализираше оваа активност како дел од проектот „Поддршка на одржливо управување на Заштитеното подрачје „Вевчански извори“ кој е финансиран од Prespa Ohrid Nature Trust (PONT).

Преку дискусијата за целите на заштита и управување со природните вредности, на присутните им беше претставена работата на заштитените подрачја која се остварува преку соработка со засегнати страни, спроведување на научни истражувања, мониторинг на клучни видови и живеалишта, едукативни активности и контрола врз активностите кои би можеле негативно да влијаат врз природните богатства.

Говорниците дискутираа за еколошката улога на блатните екосистеми и појасите од трска како чувствителни живеалишта и засолништа за многу видови риби и птици. Тие потенцираа дека поради континураната урбанизација на крајбрежјето на Охридското езеро и уништувањето на овие чувствителни живеалишта, постои опасност да се наруши природниот баланс на езерските екосистеми и да се загрозат ендемичните видови кои се уникатни во светски рамки. Посебен фокус беше даден на заштитата на Студенчишкото блато поради неговата поврзаност со квалитетот и бистрината на водите во Охридското езеро.

д-р Орхидеја Тасевска од Хидробиолошкиот завод- Охрид, сподели научни факти и докази за Охридското езеро кое во континуитет постои околу 1,9 милиони години и претставува дом на 1200 видови од кои повеќе од 200 се ендемски видови растенија и животни што живеат само во ова езеро. Таа ги информираше присутните дека според неговата површина, Охридското езеро се карактеризира со една од највисоките стапки на биолошка разновидност во светот.

Беше истакнато дека заштитата на Охридското езеро како заштитено подрачје во категоријата Споменик на Природата претставува единствен начин за да се спречат сите негативните ефекти кои произлегуваат од туризмот, загадувањето од урбаните отпадни води, еутрофикацијата, неодржливиот риболов, урбанизација на крајбрежјето на езерото, неконтролирано издавање на дозволи за пловни објекти, климатските промени, индустриските активности, внесување на алохтони видови. Поради недостаток на активно тело за управување со мерки за заштитата на природните вредности на Охридското езеро, влијанието од овие закани врз живеалиштата, видовите и квалитетот на водите може да биде неповратно.

Се говореше за потребата од едукација и информирање на посетителите, туристите и туристичкиот сектор за избегнување на активности кои имаат штетно влијание врз природните вредности во регионот. Наместо масовен туризам, се истакна потребата од развој на одржлив туризам кој нема да му наштети на Охридското езеро како туристичка дестинација, а истовремено ќе придонесе кон зачувувањето на природното  и културното богатство и зголемување на социјалниот и економскиот потенцијал на Југозападниот регион. Притоа беше истакнато дека треба да се имаат предвид законските одредби кои се однесуваат на туристичкиот развој во заштитени подрачја, меѓународните обврски на државата, како и ограничувањата кои постојат во регионот.

 

Со цел да се подигне јавната свест за активностите кои ја уништуваат уникатната природа во овој регион, говорниците дискутираа за потенцијалните мерки за заштита, како што е реставрација на Студенчишко блато и други природни живеалишта, расчистување на Студенчишкиот канал од пловни објекти, утврдување на критериуми за управување со крајбрежјето на езерото, заштита од уништување на живеалишта, заштита од загадување, воведување на насоки за научни истражувања, едукативни активности и развој на одржлив еколошки туризам во Југозападниот регион. Беше заклучено дека речиси сите индустриски гранки ги нарушуваат природните вредности и дека се потребни приоритетни мерки за нивно зачувување во комуникација со локалното население. Се потенцираше дека за да се спречи нарушувањето на животната средина во целост и да се зачува јавното здравје во регионот неопходни се промени на навиките и начинот на живеење на населението.  

Ангела Тасеска го сподели своето искуство од работењето во НП Галичица како соработник за еколошка едукација. Таа истакна дека се постигнати успешни резултати од едукацијата на младите поради заложбата на националниот парк да ја вклучи еколошката едукација како интегрален дел во остварувањето на заштита на природните богатства. Беше истакната соработката на националниот парк со основните и средните училишта од регионот со кои се спроведуваат разни активности за еколошка едукација. Таа истакна дека националниот парк континуирано ја одржува инфраструктурата за информирање и еколошка едукација на посетителите, како што се едукативната патека, информативните табли за флората и фауната во заштитеното подрачје и зелената училница во која се одржува настава во природа. На овој начин, националниот парк им овозможува на сите посетители да се запознаат со еколошките процеси во природата, да ја зголемат својата еколошката свест, а преку непосредниот контакт со природата да поттикнат одговорно користење на природните богатства.

Со цел да се зголеми знаењето и свеста за животната средина, за биодиверзитетот и другите природни карактеристики околу нас, таа потенцираше дека е неопходна сеопфатна реформа на образовниот систем во соработка со заштитените подрачја. Таа додаде дека е потребна упорност и посветност, но дека еколошката едукација може да биде поддршка за заштита на природата и да помогне во надминување на еколошките предизвици во животната средина. Низ дискусијата беше истакнато дека НП Галичица е единственото заштитено подрачје кое поради недостатокот на државно финансирање и зависност од меѓународни донатори има воспоставено модел на самофинансирање кој се остварува преку приходи од посетителите и не вклучува искористување на природните вредности на паркот.

Дарко Ќитаноски сподели позитивни примери од соработката на Еко-свест и Општина Вевчани која се состои од активности за одржливо управување со СП Вевчански извори. Тој истакна дека со цел одржлив развој на регионот, неопходно е локалното население да биде вклучено во сите процеси бидејќи тие имаат најголеми придобивки од одржливо користење на природните богатства и можат да бидат најголеми поддржувачи на заштитените подрачја.

Дискусијата ги информираше присутните за важноста да се заштитат уникатните природни вредности во Охридското езеро, НП Галичица, СП Вевчански извори при што беше потенцирана потребата за нивно зачувување преку соработка на различните категории на заштитени подрачја во Југозападниот регион. Преку дискусијата беше истакнато дека постојните заштитени подрачја во овој регион, како и оние што треба да се прогласат во блиска иднина, имаат различни биолошки и геолошки вредности кои се поврзани во единствена природна целина. Неопходно е да се поддржи нивно заедничко работење во насока на поефикасна заштита на богатата биолошка разновидност и обезбедување на одржлив развој на Југозападниот регион.