Речната мрежа на подрачјето е густа и ја сочинуваат 20-тина водотеци со вкупна должина од 23,5 km или 1,7 km/km2

Најголем водотек е Есејнца, односно изворишниот дел на Вевчанска Река, чија должина во рамките на подрачјето е 4,5 km. Настанува во подножјето на Вевчанска Голина, на околу 1650 m надморска височина, со спојување на 3 потоци. Поради пошуменоста на сливот, има постојан карактер. Есејнца има 2 позначајни притоки и тоа Подолга (2,5 km) од десната страна и Иљков Поток (2,3km) кој е со повремен карактер, од левата страна. Истите, особено Подолга, придонесуваат за зголемување на протекот на главната река, која на влезот во н.м. Вевчани, веќе има просечен протек од околу 1 m3/sek. Непосредно во н.м.Вевчани, во Вевчанска Река (Матица) се влева Дупни Дол (2,3 km) кој ги прима и водите од Вевчанските извори. На тој начин, Вевчанска Река, низводно од Дупни Дол има протек од 1-5 m3/sek. Останатите водотеци – притоки на Подгоречка Река и на Беличка Река се мали и со повремен карактер, така што немаат некое посебно хидролошко значење за СП Вевчански Извори.

Од претходното е јасно дека водотеците во рамките на СП Вевчански Извори се релативно постојани и богати со вода, особено Вевчанска Река (Матица или Есејнца во горниот дел). Оваа река одводнува најголем дел од подрачјето. Ако се земе дека истата кај н.м. Вевчани има просечен протек од околу 2 m3/sek (заедно со водата од Вевчанските извори), произлегува дека годишно преку неа истекуваат 65 милиони метри кубни вода, што е значително над количеството вода што се добива од врнежите (13,5 милиони m3).
Се поставува прашање од каде толкав „вишок“ на вода. Поради карбонатниот карактер на повисокиот дел на планината Јабланица, најверојатно дел од таа разлика е од Вевчанскиот цирк и локвата, а дел веројатно подземно доаѓа од сливот на Подгоречка Река (со Подгоречкиот цирк), па можеби дури и од сливот на Беличка Река.

Пишан извор: План за управување со Споменикот на природата Вевчански Извори за период 2019-2029 година