Што се однесува до подземните карстни форми, во подрачјето се евидентирани 3 кратки пештери, но ниту една не е детално истражена.
Најзначајна е пештерата „Вевчански извори“ од која излегува повремен водотек како дел од изворите. Според постоечките податоци, пештерата е долга околу 40-50 m и на крај завршува со тесен процеп. Со оглед на количеството на вода низ неа, можно е да е подолга. Влезот се наоѓа на надморска височина од 958 m, со координати: 20°35′ и.г.д. и 41°14’22” с.г.ш. Влезниот дел е предиспониран со раседна пукнатина во правец СЗ-ЈИ. Сиромашна е со пештерски накит, освен во крајниот дел, кон малото проширување во вид на сала. Дното на пештерата речиси постојано е со вода, но водата истекува надвор кон останатите извори, само во влажен период. Иако не е вршено теренско утврдување на подземните врски, според осцилациите на протекот, сосема е извесна поврзаноста со постојаните извори 50-тина метри низводно од пештерата.
Во доломитската карпа 15-25 m над пештерата Вевчански Извори се наоѓаат уште две кратки пештери, кои се тешко пристапни.
Првата е Маркова Пештера (Маркова Кула). До неа се доаѓа со кратко пешачење и искачување по патека која тргнува од дрвеното мовче кај пештерата „Вевчански Извори“.
Втората е уште понепристапна, сместена во речиси вертикален карпест отсек 20-тина метри над пештерата Вевчански Извори. Според нашите сознанија, нејзината должина е околу 18 m и на крај завршува со пештерска сала со пречник од 4-5 m. Влезот во пештерата претставува тесен процеп, предиспониран со вертикална пукнатина. Од влезот, продолжува едноставен, тесен канал кој се спушта кон салата. Во салата има присуство на сталактити, драпери, сливови и друг пештерски накит со беличесто-жолтеникава боја. Исто така има доста вода прокапница која се слива од таваницата.

👉Пишан извор: План за управување со Споменикот на природата Вевчански Извори за период 2019-2029 година