Шумите во Споменик на природата Вевчански извори имаат посебно значење. Нивната распространетост на поголем дел од подрачјето како и нивното високо еколошко значење во вкупниот природен амбиент му дава посебен карактеристичен белег на подрачјето, кое зaедно со другите хидролошки, геолошки, биолошки и други вредности преставува предел со
посебни природни карактеристики.

Најзастапени се буковите шумски заедници. Како најраспространети заедници буковите шуми даваат посебен белег на планината Јабланица и на заштитеното подрачје, особено оние со изразен степен на природност. Дабовите и костеновите шуми исто така се посебно важни шумски живеалишта со своја физиономија и распространување.

Како шума со посебно висока конзервациска вредност е старата шума во околината на манастирот Св. Спас, над Вевчани.

Составена е од поголем број стари вековни дрвја од бука, даб горун и горски јавор и зафаќа површини од околу 20ha. Поседува природен автохтон амбиент и се одликува со висока количина на стоечка и падната дрвна маса. Преставува досега недопрена енклава на стара вакафска шума со прашумски карактер. Шумата има големо културно, религиозно, еколошко и научно значење и треба да се зачува во нејзината природна форма. Шумата треба и понатаму да се развива согласно природните законитости.

Шумските комплекси покрај другите имаат и многу важна улога во заштитата на Вевчанските извори и Вевчанската локва, кои преставуваат природни реткости со посебна убавина, функција и значење.
Одржувањето на природноста и виталноста на шумските екосистеми во голема мера допринесува и за зачувување на поволната хидролошка состојба, која се одликува со голема издашност на изворите во текот на целата година. Поради
тоа потребно е да се применуваат соодветни начини и практики на управување со шумските ресурси, кои ќе допринесат на зачувување на нивните природни вредности, како и исполнување и на другите сокциоекономски функции на шумите, без притоа да се нарушува природниот амбиент и вредност на целиот шумски екосистем.