Овогодинешниот меѓународен ден на биодиверзитетот ќе го посветиме на плодовите и растенијата кои се застапени во Споменикот на Природа Вевчански Извори и планината Јабланица и кои за жал од негрижата и несовесното собирање, пополека почнуваат да исчезнуваат.

Еко-свест започна со истражување на состојбата на Питом Костен во Споменикот на природа Вевчански Извори.

Питомиот костен (Castanea sativa) се смета за исклучително важен вид, не само од економски, туку и од биолошки, економски и социолошки аспекти.

Слаткиот костен е погоден за исхрана на луѓето, се јаде како варен или печен, но со него може да се приготвуваат и различни десерти. Дали сте знаеле дека римските војници пред да заминат во битка секогаш јаделе каша од костени. Можеби и оттука е распространетоста на слаткиот костен низ Јабланица, затоа што низ планината поминува славната римска магистрала Вија Егнација.

За жал, европскиот питом костен е подложен на болеста наречена рак на костенот, која е предизвикана од фитопатогената габа Cryphonectria parasitica. Истражувањето има за цел идентификација и проценка на состојбата на популацијата на питомиот костен во подрачјето, прибирање на примероци и нивна лабараториска анализа со цел одредување присуство и степен на распространетост на бактеријата. На крајот на истражувањето ќе се изработи извештај кој ќе опфати опис на моменталната состојба на популација но и мерки и генерални насоки со цел лечење и зачувување на питомиот костен.

Исто така, во моментов во Вевчани Еко-свест го анализира потенцијалот за иницирање на одржливо производство на локални производи од плодови кои што можат да се најдат на планината Јабланица. Со оваа активност преку брендинг и промоција на локалните производи целиме кон зајакнување на производството од плодови кои ни ги дава природата а со цел одржливо користење и зачувување на природните ресурси.

Со овие активности праќаме апел за поголема грижа за нашето највредно, нашите планини, реки, езера но и за секој плод што ни го дава природата!