Водени од мислата дека секој од нас има одговорност да преземе акција за заштита на природните богатства и зачувување на здрава иднина за генерации, Еко-свест преку локалната канцеларија во Вевчани во текот на оваа година започна со активности за утврдување на состојбата на питомиот костен во Споменикот на Природа Вевчански Извори.

Питомиот костен – Castanea sativa се смета за исклучително важен вид од биолошки, еколошки, економски и социолошки аспекти. Во многу земји плодовите претставуваат важен ресурс за руралната економијa. Во Вевчани е богата традицијата за собирање на костенот и изработка на продукти од него.
За жал, европскиот питом костен, како и американскиот пред него, е подложен на болеста наречена рак по костенот, која е предизвикана од фитопатогената габа Cryphonectria parasitica. Дејствувањето на габата резултира со создавање на активна рак-рана која доведува до сушење и изумирање на гранката или стеблото над местото на инфекцијатa.
Вакви случаи на сушење и изумирање на дрвја од популацијата на питом костен се присутни и на подрачјето на Споменикот на Природа Вевчански Извори.

Со истражувањето кое го започна Еко-свест ќе се обезбеди преглед на постоечката состојба на костеновата популација во заштитеното подрачје Споменик на природа Вевчански Извори и влијанието на болеста, преку анализа на теренски и лабораториски резултати.
Покрај документирање на постоечката состојба, врз база на идентификуваните закани и ризици, од истражувањето ќе произлезат и препораки и мерки за надминување на состојбите кои ќе се користат во иднина за успешно управување со популацијата на питом костен и трајна заштита.

Повеќе податоци за питомиот костен – https://shorturl.at/V9zYq

Актиностите се дел од проектот “Поддршка на одржливо управување со Споменикот на природа Вевчански Извори” спроведуван од локалната канцеларија на Еко-свест во Вевчани, а финансиран од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT.

#ЗаедноЗаПриродата #Природа