На 28 јуни 2025 година, во Вевчани се одржа обука за превенција и спречување на шумски пожари, организирана од Еко-свест и Europe House Струга. Обуката беше наменета за граѓани и активисти кои сакаат да стекнат практични знаења за справување со шумски пожари и заштита на природата, особено во планинските подрачја.
Под стручна подготовка и водство на Милорад Андријески, обучувач со искуство во полето на заштита од пожари, учесниците добија информации и вештини поврзани со рано препознавање на ризици, мерки за превенција и непосредно дејствување во случај на појава на пожар. Обуката опфати теоретски дел, како и теренска работа со практични демонстрации и вежби на отворено.
На настанот учествуваа претставници од Вевчани и Струга, вклучувајќи членови на планинарски, велосипедски и еколошки друштва, како и претставници од ренџерската служба на Споменикот на Природа Вевчански Извори. , кои ја препознаваат важноста на заедничката акција и соработка во заштитата на природните ресурси на Јабланица.
Оваа активност е дел од пошироки напори за унапредување на еколошката свест и зајакнување на локалниот капацитет за дејствување во кризни ситуации. Темата за зачувување на Јабланица како природно богатство беше истакната како приоритет, особено во контекст на иницијативите за добивање на статус на национален парк. Тоа би значело посветеност на заштита, истражување и одржливо управување со подрачјето, како и вклучување на локалното население во процесите на планирање и спроведување на мерки за конзервација.
Обуката покажа дека постои подготвеност и интерес кај локалните заедници да се ангажираат во заштита на шумите, а Еко-свест ќе продолжи со поддршка на вакви активности кои придонесуваат кон градење на отпорност и еколошка одговорност.












