7.7.2025

Во неделата, на 6 јули, Вевчани повторно беше центар на авантурата и спортскиот дух, откако успешно се одржа традиционалната Планинска вело тура „Вевчанска Голина – Локва 2025“. Настанот беше организиран од Еко-свест Вевчани и Рупикапра МТБ Струга.

Турата годинава собра над 140 учесници од различни делови на државата, кои имаа можност да уживаат во 30-километарската рута низ живописните предели на планината Јабланица, со вкупна елевација од околу 1100 метри.

Стартот беше во 09:00 часот од центарот на Вевчани, а патеката ги водеше велосипедистите низ Споменикот на Природа Вевчански Извори, Јанков Камен, манастирот Св. Климент и селото Горна Белица, завршувајќи на атрактивниот видиковец Вевчанска Голина. За најистрајните, турата продолжи со кратко планинарење до глацијалното езеро Вевчанска Локва, кое се наоѓа на над 1960 метри надморска височина.

Организаторите истакнуваат дека целта на овој настан е промоција на природните вредности на Јабланица и поддршка на развојот на одржлив планински туризам во рамки на Споменикот на Природа Вевчански Извори и идното заштитено подрачје Јабланица.

Со својата атмосфера, бројност и организација, вело турата „Вевчанска Голина – Локва“ веќе се етаблира како традиционален летен настан што ги обединува љубителите на природата и спортот.

Организаторите упатуваат голема благодарност до сите учесници, волонтери, поддржувачи и институции кои придонесоа за успешната реализација на настанот.

Активностите се дел од проектот „Поддршка на одржливо управување со Споменикот на Природа Вевчански Извори“ спроведуван од Еко-свест, а финансиран од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT.