Нашата мисија за заштита на природата секогаш добива најмногу смисла кога низ креативност ги поврзуваме најмладите со нивното природно богатство. Изминативе денови, во срцето на Вевчани, заедно со учениците од ОУ „Страшо Пинџур“, реализиравме уникатни работилници за цијанотипија на тема природа.

Овој проект е резултат на заедничката енергија на Еко-свест Скопје, Еко-свест Вевчани и Зрно работилниците, со цел да ги поттикнеме децата да ја видат природата со други очи.

Врската со Вевчанските извори.

За нас во Еко-свест, сината боја на овие дела има подлабоко значење. Таа е симбол на бистрата и чиста вода на Вевчанските извори – природното богатство кое е срцето на овој регион.

Користејќи ја сончевата енергија за да создадат уметност, учениците научија дека природата не е само нешто што треба да го набљудуваме, туку нешто што мораме активно да го чуваме. Секој „син портрет“ на лист или цвет е потсетник за кревкоста на нашиот екосистем и нашата обврска да ги заштитиме водните ресурси и биолошката разновидност на Вевчани.

Што е цијанотипија и зошто ја избравме?

Цијанотипијата е една од најстарите фотографски техники, која наместо модерни апарати, ја користи моќта на сонцето. Процесот е целосно природен и магичен:

На хартија премачкана со раствор чувствителен на светлина, учениците поставуваа растенија и елементи од локалната флора.

Под дејство на UV-зраците, сонцето ги „црта“ силуетите на растенијата.

Финалниот резултат е прекрасен отпечаток во специфична пруско-сина боја.

Уметноста е моќен глас за природата! Благодарни сме на сите учесници за нивната љубопитност и посветеност да изградиме позелена и посвесна иднина.